ДУХОВНА ВЕЧЕР СО МЛАДИТЕ ВО ЕПИНГ

ДУХОВНА ВЕЧЕР СО МЛАДИТЕ ВО ЕПИНГ
На 26 јуни 2025 година, Македонската православна младина од Австралија организираше духовна трибина за млади во Македонскиот културен центар при МПЦО во Епинг, на која говореше специјалниот гостин, ипоѓаконот Тимотеј од Антиохиската црква на тема „Подлабоко во постот“.
На духовниот разговор присуствуваа голем број млади, кои со отворено срце и со жед за духовна храна и подлабоко разбирање на православниот пост – слушаа за значењето на постот како духовна дисциплина, а не само телесна воздржаност.
Ипоѓаконот Тимотеј со длабочина и едноставност говореше за суштината на постот – не само како воздржување од храна, туку како пат кон преобразување на срцето. Тој ги поттикна присутните да гледаат на постот како пат кон покајание, молитва и преобразба на личноста. Во Православната Црква, постот не е само воздржување од одредена храна — тој е духовна алатка за воспитување на волјата, смирение и заедништво со Бога.
По завршувањето на трибината, следеше плодна дискусија и дружење во христијанска љубов.
Оваа трибина помогна да се продлабочи нашето разбирање и практикување на постот како млади православни христијани во денешниот свет.
Благодарност до сите што учествуваа во организацијата и допринесоа за оваа прекрасна и молитвено-нагласена средба!
Нека ваквите собири продолжат да бидат извор на духовна радост и заедништво!