ПРАЗНИКОТ НА СВЕТИТЕ ЦАРЕВИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА ПРОСЛАВЕН ВО ВОЛОНГОНГ

ПРАЗНИКОТ НА СВЕТИТЕ ЦАРЕВИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА ПРОСЛАВЕН ВО ВОЛОНГОНГ

 

На 03. 06. 2025 година на празникот Св. цар Константин и царица Елена, во црковната општина „Свети вмч. Димитриј Солунски“ во Волонгонг, старешината на храмот протоереј Борислав Лазов отслужи Света Литургија.

На Литургијата, учество зеде мноштво верен народ, му се заблагодари на Бога и се причести со Светите Христови Тајни.

 

Првиот римски император што го признал христијанството Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена, за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи еднакви на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера. Во првите три века христијанството било жестоко прогонувано, но сепак, бројот на неговите приврзаници постојано се зголемувал.

Во четвртиот век за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан прогоните биле најжестоки. Биле уривани христијанските храмови, биле палени христијанските книги, а христијаните биле подложувани на најжестоки измачувања. Дури за време на Констанциј Флор, таткото на Константин односот кон христијаните омекнал. Константин е најстариот син на царот Констанциј Флор, и царицата Елена.

Констанциј имал и други деца од друга жена, а со Елена го имал само Константин.

Таткото на црковната историја и современикот на царот Константин, древниот историчар Евсевиј од Кесарија, меѓу другите податоци, кои ни ги дава за животот на царот Константин и неговата мајка Елена, ни сведочи и за едно чудно видение, кое тој го доживеал за време на најкритичните моменти од своето владеење.

Имено, во четвртиот век, поточно во 312 година, се водел жесток спор околу прашањето кој ќе го наследи големото Римско царство. Спорот се водел меѓу царот Константин и Максенциј – непријателот на христијаните. Кога царот Константин со својата војска наближил до Рим со цел да ја преземе власта, Максенциј наоружал трипати поголема војска од неговата, па Константин се нашол во дилема за крајниот резултат на битката. И токму во тоа критично време, тој бил удостоен за едно видение, за кое ни сведочи историчарот Евсевиј. Загрижен за претстојната битка, точно напладне, Константин го вперил својот поглед кон небото, па во тие моменти, над сонцето здогледал пресветол крст, на кој биле ис­пи­шани зборовите: „Со ова ќе победиш!“. Царот веднаш сфатил дека таа вест доаѓа директно од Бога, а во тоа се убедил уште еднаш, откако ноќта му се јавил Самиот Спасител, Господ Исус Христос, држејќи во рацете крст и заповедувајќи му да направи сличен војнички знак, кој ќе го постави на сите војнички зна­миња и на сите оружја кои ги поседувал. Царот направил така, па исполнет со вера во вис­тинскиот Бог тргнал во битка против својот противник. Двете вој­ски се сретнале кај Милвискиот мост, во близината на Рим, и тука војската на Мак­сенциј би­ла целосно поразена, а самиот Максенциј се удавил во водите на ре­ката Тибар.

По оваа победа царот Константин триумфално влегол во Рим и веќе во 313 година, во градот Милано го објавил прочуениот закон, со кој ја гарантирал слободата на исповедање на Христовата вера и на таков начин заблагодарил на Бога за помошта која ја добил.

На таков начин, по заслуга на царот Константин, прес­танало гонењето на христијаните, кое пред него траело речиси три века. Тој бил прв римски цар кој ја проценил големата важност на светата Христова вера за државата и за нејзиниот правилен развој.

Царството на царот Константин се темелело на Христовиот евангелски закон, како на сигурен и цврст камен-темелник, па оттука следува дека со сигурност можеме да тврдиме дека без таков сигурен и цврст камен-темелник не можат да опстојат ни денешните народи и држави. Дури и денес, кога човештвото напредува со брзи чекори во секој материја­лис­тич­ки поглед, сеуште важи правилото, дека без еванглески напредок на луѓето нема опстанок, а во отсуство на евангелската љубов, секој народ и секое општест­во оди во неизбежна пропаст. Затоа, нека е вечна слава и благодарност на светиот цар Константин за сето она што го направил за својот  народ и својата вера.

Амин!