ВОСТОЛИЧЕН НОВИОТ МИТРОПОЛИТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ Г. ГЕОРГИЈ

Чинот на хиротонија и интронизација на новоизбраниот архиереј Дебарско-кичевски – архимандритот г. Георгиј започна на ден 12. 07. 2025 година на Петровден со Наречение во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. На наречението чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение со членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

 

Утредента на 13. 07. 2025 година, во неделата, кога Православната црква го прославува Соборот на светите 12 апостоли – Павловден, во величествениот Катедрален храм „Св. Софија“ во Охрид, се одржа торжествена архиерејска Литургија на која беше хиротонисан и востоличен новоизбраниот Митрополит Дебарско-Кичевски, г. Георгиј.

 

Со Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќе архиереи од Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија, меѓу кои: Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Крушевско-Демирхисарски г. Јован, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-Гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-Осоговски г. Григориј.  Како и епископите: Дељадровско-Илинденски г. Јоаким и Делчевско-Каменички г. Марко.

 

На настанот молитвено беа присутни викарните епископи: хераклејски г. Климент, дремвицки г. Давид, стобиски г. Јаков, антаниски г. Партениј и велички г. Никола, бројно свештенство од земјата и од сестринските православни цркви.

 

Чинот на ракополагањето и востоличувањето беше збогатен и со присуството на претставници од сите сфери на општествениот живот. На настанот присуствуваа академици, ректори, универзитетски професори, како и високи претставници на државната и локалната власт.

 

По завршувањето на Божествената Литургија, Неоговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, новоракоположениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, го воведе на тронот на архијерејите на Дебарско-кичевската епархија.

 

На свеченоста од нашата Австралиско-сиднејската епархија учество зедоа јереите Владо Недески и Климент Станковски.

 

Нека му е честито и благословено на новиот Митрополит, а неговиот подвиг на нивата Господова нека биде плоден и достоен!

 

Од име на полнотата на нашата Австралиско-сиднејска епархија на нововостоличениот Митрополит г. Георгиј му посакуваме плодотворно служење во нашата света Црква.

 

Господ да Ви дарува мудрост и сила во исполнувањето на архипастирските должности.​​​​​​​​​​​​​​​​