Од животот, мисијата и посланијата на Св. ап. Павле до црквите во Македонија

Во личноста на светиот апостол Павле го препознаваме првиот христијански проповедник на македонските простори (земја, тло). Со своето доаѓање во Македонија, тој го подготви патот за покрстување на европскиот континент, па со право можеме да кажеме дека христијанството во Европа дојде преку Македонија.

Апостолот Павле е роден во првите 10 години по Христа, во Тарс, град што се наоѓал на југот од Мала Азија, на брегот на Средоземното Море. Неговото еврејско име било Савле, што значи – копнеж, а потекнувал од значајно и богато семејство. Бил многу образован и припаѓал на еврејската верска секта – фарисеи, и во прво време бил суров гонител на христијаните ( Дела ап. 7, 58; 8,1; 9, 1-2). Но, по чудесното видение пред градот Дамаск ( Дела ап. 9), и по преобраќањето во христијанство, станал Павле – најревносниот проповедник на верата во воскреснатиот Христос. Тој се нарекува апостол на вселената или апостол на незнабожците, зошто го проповедал Божјото слово по целиот тогаш познат цивилизиран свет.

Тој поминал четири т.н. мисионерски патувања. При второто мисионерско патување ја посетил и Македонија. Имено, во Светото Писмо се вели дека додека бил во Троада, преку ноќта имал видение : … стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше : Дојди во Македонија и помогни ни. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието ( Дела ап. 16/ 9,10). По ова, св. ап. Павле, со своите соработници Сила, Тимотеј и ев. Лука, преку Неапол (Кавала) дошол во првиот македонски град – Филипи. Тука апостолот Павле го здобил и првиот христијанин во Европа – богојазливата жена Лидија, која се крстила со целото свое семејство, а подоцна нејзиниот дом станал првата црква во Европа. Од Филипи апостолот дошол во Солун, па во Берија (денес Верија), а оттаму заминал за Атина.

Формирањето на црквите во Филипи, Солун и Берија, значело не само посејување на христијанството во Македонија, туку и негово утврдување и организирање, што потоа ќе биде значаен предуслов за континуитетот на христијанството на овие простори, кој ќе резултира со создавање на црквата Јустинијана Прима, на Охридската архиепископија, на црквите на соседните народи и, секако, на современата Македонска Православна Црква – ОА.

 

Сведоштва во библискиот текст:

 … Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си споменувам за вас, во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас, заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сè досега (Филипјаните 1, 3-5)

… Живејте само достојно за Христовото евангелие …,борејќи  се единосуштни за верата на Евангелието, и во ништо не се плашете од противниците; зашто вам ви се даде дар поради Христос, не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него ( Филипјаните 1, 27- 29)

… Бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете едносуштни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава, од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси. Не грижете се секој само за себе, туку и за другите (Филипјаните 2, 2-4)

… И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки го примивте словото со радост на Светиот Дух, така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја. Зашто од вас одекна словото Господово, не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата во Бога (1Сол. 1, 6-8)

… Гледајте никој никому да не враќа зло за зло ; туку секогаш барајте добро еден за друг, и на сите. Радувајте се секогаш. Молете се постојано. Благодарете за сè … Сè испитувајте, за доброто држете се ! Избегнувајте се од секое зло ! (1 Сол. 5, 12-22)

… И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте, било преку нашето слово, било преку нашето послание. А самиот Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нè возљуби преку благодтта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж, нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело ! (2 Сол.2, 16-17)