Јубилејно слово за 20 години младинско заедништво, вера и македонски дух [1]
„КАДЕ ШТО ЈАС ЗАСТАНАВ, ТИ ПРОДОЛЖИ!“
20 ГОДИНИ ЉУБОВ, ВЕРА И МАКЕДОНСКО ЗАЕДНИШТВО
Вечерва е вистинска гордост да се биде Македонец. Собрани во Мелбурн од сите генерации и од сите краишта на Австралија, да ја прославиме 20-годишнината од постоење на МОЈА навистина е вистинска гордост на секој Македонец.
Денес на дело ги остваруваме и зборовите на нашиот најпознат деец и револуционер, Гоце Делчев, кој вели: „јас го разбирам светот како поле на културен напревар помеѓу народите”, затоа што вечерва во оваа сала се собрани млади луѓе од различни нации со кои заеднички живееме во оваа наша прекрасна втора татковина – демократска и мултиетничка Австралија.
Затоа сакам да ги поздравам сите овде присутни кои што дојдоа да ни ја разубават оваа наша заедничка прослава.
Јас секогаш велам дека полето-полјаната е поубава, ако во неа има најразновидни цвеќиња, така и оваа сала вечерва е многу поубава со сите вас овде. Ви благодарам од срце и чувствувајте се пријатно.
Би сакал да се вратам 20 години наназад и да се потсетам за самиот почеток на сета оваа убава приказна, која што тогаш започна и дај Боже никогаш да не престане.
,,Еден ден, мислам беше февруари-март далечната 2006 година, ги собрав неколкуте млади луѓе кои тогаш доаѓаа во манастирот ,,Свети Прохор Пчински“ во Донибрук и им реков, отприлика вака:
Ова што вие сега го започнувате, замислете го како јаже кое го протегате во иднината за на него да се фатат сите ваши (наши) деца и да влезат во Христовиот брод, да се извлечат од искушенијата на светот и вечната пропаст. Колку тоа јаже е посилно и подолго, толку на него ќе можат да се фатат сите ваши идни поколенија. Тоа јаже е љубовта. Колку е поголема вашата љубов, толку повеќе генерации ќе спасите. Затоа секоја генерација треба да се потруди да даде свој допринос во љубовта и жртвата за тоа да не се прекине и да се продолжува.
Сите овие 20 години од постоењето ги сфаќам како едно патување. На тоа патување сретнуваме нови луѓе и пристигуваме во нови предели. За жал, не секогаш патувањето беше лесно и удобно, постоеја и сѐ уште постојат големи препреки и искушенија, но ние не треба да се плашиме и да застанеме, туку нашиот поглед секогаш да е вперен напред, зашто таму го гледаме нашиот Бог и Спасител Исус Христос, Кој е едиствената наша цел во животот. Тие маки и потешкотии ни ја зголемнуваат љубовта и упорноста и нѐ прават посилни и поискусни.
Вечерва и по некоја случајност, а за Бога нема ништо случајно, се слават нашите рамноапостоли, солунските браќа светите Кирил и Методиј и ќе завршам со зборовите на едниот од нив, на светиот Кирил кој прв се упокоил и му порачал на својот брат Методиј: „Каде што јас застанав, ти продолжи!” Така и оваа порака да се пренесува од генерација на генерација и оваа наша заедничка организација никогаш да не запре.
Да даде Бог!
Отец Гаврил (Галев)
На 22 мај 2026:
Пренос на моштите на свети Никола,
во Кинг Лејк
[1] Свечено обраќање на свченоста по повод 20-годишнината од постоењето на МОЈА во Австралија, одржана на ден 23 мај 2026 година во манастирот во Кинг Лејк
