ТОРЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА ВО БРИЗБЕЈН, КВИНСЛЕНД

ТОРЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА ВО БРИЗБЕЈН, КВИНСЛЕНД
„Се веселам кога ми рекоа: да одиме во домот Господов!“
(Псал. 121,1)
Во неделата на 3 август 2025 година, кога Светата Црква молитвено го чествува споменот на светиот пророк Езекил, преподобниот Симеон Јуродив и неговиот соподвижник Јован, а во осмата недела по Педесетница, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Бризбејн, Квинсленд, беше отслужена торжествена Света Литургија.
Богослужбата ја предводеше отец Гаврил (Галев), во сослужение со протојереј Ѓорѓи Митев, старешина на храмот. Службата беше исполнета со духовна радост, благодарност и илинденско молитвено расположение, со оглед на празничниот дух што владее во македонската заедница ширум Австралија во овие денови.
Бројните верници кои се собраа од Бризбејн и поширокиот регион со усрдност и побожност учествуваа во Литургијата, а мнозина пристапија кон Светата Чаша и се соединија со Господ преку примањето на Светите Христови Тајни.
Во беседата што следуваше, свештенослужителите ги потсетија присутните на значењето на верата и единството, на потребата од постојана молитва и љубов меѓу браќата, и на важноста од oчувување на духовното и националното наследство, особено во дијаспората.
По Литургијата се оддржа пригодна културно-забавна програма по повод Илинден.
Црковната општина „Рождество на Пресвета Богородица“ и понатаму останува духовен дом за Македонците во Квинсленд, каде секој верник наоѓа утеха, сила и благослов во заедништвото со Црквата Христова.