ЦРКОВНО-НАЦИОНАЛНИОТ ПРАЗНИК ИЛИНДЕН СВЕЧЕНО ПРОСЛАВЕН НИЗ ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ ВО АВСТРАЛИСКО-СИДНЕЈСКАТА ЕПАРХИЈА

ЦРКОВНО-НАЦИОНАЛНИОТ ПРАЗНИК ИЛИНДЕН
СВЕЧЕНО ПРОСЛАВЕН НИЗ ЦРКОВНИТЕ ОПШТИНИ ВО АВСТРАЛИСКО-СИДНЕЈСКАТА ЕПАРХИЈА
Традиционално, и оваа 2025 година, големиот црковно-државен празник – Илинден, со голема духовна радост и народна гордост беше свечено прославен низ сите парохии при Австралиско-сиднејската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Македонскиот православен народ, во сите времиња и на секое место каде што пребива, со себе ја носи својата длабока вера и неизгаслива љубов кон својата света Црква и саканата татковина. Така и нашите иселеници на најодалечениот Австралиски континент, со децении населени во повеќе градови, грижливо го чуваат аманетот на своите предци. Организирани во бројни црковни општини, тие се верни чеда на својата мајка Црква, сведочејќи ја својата духовност и идентитет не само во богослужбениот живот, туку и во просветното, културното и националното поле.
Преку македонски цркви, училишта, фолклорни друштва, здруженија, преку разни чествувања, духовни собири и јавни манифестации, нашите Македонци во Австралија сведочат дека македонскиот дух не згаснува, туку се обновува, се зацврстува и се пренесува на новите поколенија. Чувајќи го и духовното и националното, иако географски далеку од родната земја, тие со верата и срцето се секогаш блиску до Македонија. Таа духовна врска и национална свест е нераскинлива нишка што го поврзува и обединува нашиот народ, дури и на најоддалечените простори од светот.
Обединети во духот на илинденскиот завет, и оваа година, нашите иселеници торжествено го прославија големиот празник Илинден. Споменот на светиот и славен пророк Илија – огнениот ревнител за Божјата вистина, како и историските настани од Илинден 1903, 1944 и 1991 година – современата независност на Македонија, беа литургиски и културно чествувани во сите храмови и црковни заедници на Австралиско-сиднејската епархија.
Празнувањето започна со свети Литургии, на кои беа упатени молитви за здравје, мир и благослов за македонскиот народ, како и за духовна сила за зачувување на нашето свето Православие, црковното предание и македонското достоинство. Беа принесени и молитви за покој на сите борци што ги положиле своите животи за слободна, праведна и независна Македонија.
По богослужбите беа одржани пригодни илинденски свечености, со рецитали, песни, историски говори, културно-уметнички настапи и братски собири, на кои љубовта кон родот и татковината се излеваше преку духовна радост и заедничарење. Празникот го разбуди и она силно чувство на припадност – дека црквите се вистински матици на нашиот народ надвор од татковината.
Преку ова величествено чествување, уште еднаш се покажа дека Илинден е жива искра во срцето на секој Македонец – светол спомен на жртвата за вера, слобода и правда, но и жив завет за иднината. И дека нашите верници се вистински амбасадори на својот народ и земја, постојано подготвени да го продолжат делото на своите предци преку духовна и национална верност, трудољубие и достоинство, секогаш чувајќи го македонското име, идентитет, јазик, култура и традиција.
Нека вечно гори пламенот на нашиот илинденски завет во Австралија!
Нека е за многу години Илинден!
Македонија вечна!