Света Божествена Литургија по повод празнувањето на споменот на Светиот преподобен отец наш Гаврил Светогорец, епископот Велички во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија)

На 12. 01. 2024 година, кога Светата Црква го празнува споменот на + Преподобен Гаврил Велички; Светата маченичка Анисија; Преподобна Теодора Цариградска; Светиот апостол Тимон; Преподобна Теодора Кесариска; Преподобниот маченик Гедеон; Свети Дионисиј Закински, во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, отецот Гаврил (Галев) во сослужение на протојерејот Јован Димитров од Руската Задгранична Православна Црква отслужи Света Божествена Литургија.

На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Празникот го збогати убавото пеење на јеромонах Георгиј Фејалун од Антиохиската Православна Црква.

На Светата Божествена Литургија учество зеде мноштво народ, кој имаше можност да се поклони на светите мошти и на новоизработената икона на светиот отец Гаврил Велички изработена од вештата рака на зографот Никола  Бетински. Верните со радост се поклонија на светите мошти и ги упатија своите молитви кон светиите.

Отец Гаврил одржа своја пригодна беседа преку која ги запозна верните со ликот, животот и делото на светиот Гаврил Светогорец, епископот Велички, како и со големиот број на чуда кои до ден денес се случуваат по неговите молитви.

На крај мноштвото верници му го честитаа именденот на игуменот на манастирот отецот Гаврил (Галев) и му посакаа крепко здравје, големи успеси во новото Лето Господово, многу мигови исполнети со радост.

Информативната служба при Австралиско – сиднејската православна епархија од свое име, од името на свештенството и верниот народ му го честита именденот на возљубениот отец Гаврил (Галев), игуменот на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк и му посакуваме бројни успеси на нивата Господова и долги години да го проповеда Христа Бога меѓу народот Божји.

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не! Амин.